Од Кремљ вчера соопштија дека српскиот претседател во петок се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска пристигна во Москва, Русија, по повод прославата на Денот на победата. Веста дека слетал на аеродромот во руската престолнина ја објави на неговиот профил на Инстаграм.

Од фотографиите се гледа дека на аеродромот во Москва е пречекан од рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко, како и од гардата.
„По многу години, повторно сум во Москва. Горд сум на антифашистичката борба на мојот српски народ и сум благодарен за огромната помош што ја имавме од Црвената армија за време на ослободувањето на Србија“,
напиша Вучиќ на Инстаграм.
Авионот со кој Вучиќ денеска се упати кон Москва беше запрен во Баку, бидејќи немаше дозвола да го продолжи летот поради борбените операции меѓу Русија и Украина. Сепак, набрзо екипажот на неговиот авион доби дозвола да го продолжи летот.
Утрово српските медиуми информираа дека претседателот Александар Вучиќ отпатувал за Москва, каде што е планирано да присуствува на парадата на победата на Црвениот плоштад.
Од Кремљ вчера соопштија дека српскиот претседател во петок се очекува да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Пред да замине за Москва, Вучиќ имаше средба со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан Харченко.
Во петок, на 9 мај, Русија ја одбележува 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна со парада на Црвениот плоштад во Москва.
На настаните се очекува да присуствуваат повеќе од 20 светски лидери.