Земјата се соочува со трагедија од големи размери, рече претседателот на Чиле, Габриел Бориќ, предупредувајќи дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми со оглед на тоа што спасувачите наоѓаат тела во ридските населби, од кои дел се целосно срамнети со земја
Во големите шумски пожари што од пред неколку дена беснеат во централниот дел на Чиле загинаа најмалку 100 лица, објави чилеанската национална служба за превенција и одговор при катастрофи.

Стотици други луѓе, пак, според чилеанските власти, се водат за исчезнати.
Земјата се соочува со трагедија од големи размери, рече претседателот Габриел Бориќ предупредувајќи дека бројот на жртвите во пожарот најверојатно ќе се зголеми со оглед на тоа што спасувачките служби наоѓаат тела во ридските населби, од кои дел се целосно срамнети со земја.

Во шумските пожари што започнаа пред неколку дена најзагрозени се надворешните рабови на Виња дел Мар и Валпараисо – крајбрежни градови популарни меѓу туристите.
Проценката на властите е дека само во областите Виња дел Мар и Квилпуе оштетени се 14 000 дома.
Чилеанските власти воведоа полициски час со почеток во 21 часот во најтешко погодените области. Таму се испратени и припадници на војската за да им помогнат на пожарникарите да го спречат ширењето на пожарот, додека хеликоптери се обидуваат да го изгаснат пламенот од воздух.
Претседателот на Чиле објави дводневна национална жалост почнувајќи од понеделник и рече дека земјата треба да се подготви за дополнителни лоши вести.
„Знаеме дека бројот на загинати ќе расте, значително ќе порасне. Се соочуваме со трагедија од големи размери. Цело Чиле страда и ги оплакува загинатите“,
рече чилеанскиот претседател Бориќ во телевизиско обраќање до нацијата.
Иако шумските пожари не се невообичаена појава во текот на летото на јужната хемисфера, бројот на жртвите од овие пожари е голем, што ги прави најголемата национална катастрофа во Чиле од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 500 луѓе.