Планинар, кој бил дел од поголема група, сериозно се повредил спуштајќи се кај превојот меѓу Титов Врв и Бакардан на Шар Планина. Со него бил уште еден од планинарите. Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), до инцидентот дошло кога двајцата веројатно брзале за да ја стигнат групата, по што едниот од нив се лизнал и се повредил.

„Планинарот се повредил кога се симнувал со својот другар по источната страна кон месноста Мал Турчин. Двајцата биле последни од групата со којашто оделе. Заостанале малку и најверојатно брзајќи за да ги стигнат колегите, едниот од нив се лизнал и опасно ја повредил ногата. Местото на настанот е високо во планината, до каде треба повеќе од три, четири или повеќе часови да се стигне, под услов веднаш да тргне специјализиран спасувачки тим што е во ниските делови од пределот“,
велат од ЦУК.
Околу 14 часот бил ригистриран повик на единствениот број за итни случаи 112 за повредениот планинар. Планинарот бил пронајден со специјално возило за длабок снег „ратрак“ во кое во тој предел се возеле туристи. Тие го спуштиле до скијачкиот центар Попова Шапка, каде што му е укажана медицинска помош.
„Во конкретниот случај соработката и меѓусебната координација на институциите, службите и приватните фирми овозможи да се пронајде многу брзо решение и на помош бил употребен ‘ратрак’ на приватната фирма ‘Ескимо фрирајд’, коишто во тој предел биле на прошетка со туристи. Тимот на ‘Ескимо фрирајд’ и самиот составен од пасионирани планинари, иако во моментот превезувал туристи, несебично веднаш тргнал нагоре кон повредениот, кого неговиот другар веќе почнал пополека да го спушта, свесен дека како што ќе одминува денот, така сè постудено ќе станува и сè полизгаво“,
наведуваат од ЦУК.

Повредениот планинар во 15:00 часот се јавил во регионалниот ЦУК во Тетово и се заблагодарил на сите што толку брзо реагирале за да му помогнат.