Звукот од паѓањето на дождот вечерва ја прави најголемата галама низ скопски булевари, маалски улички и паркови. Празните улици и тротоари, кучињата скитници и бројните полициски патроли се сликата од првиот час на стартот од полицискиот час во поголемиот дел од Скопје.
„Добар ден, господине, ајде упатете се дома“, е првиот „поздрав“ кој го добивме вечерва од полициска патрола во скопската населба Ново Лисиче, кога десетина минути по 21 часот излеговме да провериме како изгледа Скопје по стапувањето на сила на забраната за движење на населението.
Маалски улици и паркови каде вообичаено има млади луѓе во овој период од ноќта беа празни.



И без полициски час, дождот веројатно ќе ги оставеше празни, но немаше да ги ослободи булеварите од автомобили. Вечерва и тие речиси да беа празни. Само десетина автомобили пресретнавме во обиколката која ја направивме од Ново Лисиче до Карпош 4.
Но, побројни беа полициски патроли. За 15-тина километри, не запреа четири различни патроли. На новинарските екипи им дозволуваа да продолжат да си ја вршат својата работа, но тоа не беше и со останатите автомобили. Ги запираа сите, предупредуваа и упатуваат во нивните домови.

Без раздвиженост и со бројни полициски патроли Скопје ќе остане до 6 часот наутро. Така ќе биде и секој нареден ден од 21 до 6 часот откако од вечерва почна да важи забраната за движење на населението.
За полицискиот час одлучи Владата на вчерашната седницата и тој за првпат се воведува на целата територија на Македонија. До кога ќе трае, дали ќе биде поригорозен зависи, пред сè, од дисциплинираноста на нас граѓаните.
*Поврзана вест: Правила и исклучоци за полицискиот час
Како изгледа центарот на Скопје и неколку скопски населби, погледнете од фотогалеријата во продолжение:









