Новите полициски службеници ги поздравија и им посакаа успех во работата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, како и техничкиот премиер Талат Џафери. Покрај националната химна, новите професионални полицајци на настанот ја запеаја песната „Бисер балкански“
На свечена церемонија во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово денеска беше промовирана новата генерација на полициски службеници кои успешно ја завршиле едногодишната обука. Се работи за 508 нови припадници на полицијата. Од нив 416 се мажи, а 92 жени.
Новите полициски службеници ги поздравија и им посакаа успех во работата министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, како и техничкиот премиер Талат Џафери. На настанот присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во земјава.
„Ви посакувам да бидете непоколебливи во безусловното исполнување на нормираните должности и етичките вредности потврдени низ традицијата и опстојувањето на нашиот народ. Впрочем, вам треба да ви биде јасно дека граѓаните токму тоа го очекуваат од вас, но и од сите нас. Особено што сум уверен дека македонската полиција има потенцијал, пред сè човечки, за натамошно справување со сите предизвици и закани во име на целосното воспоставување на современи демократски и професионални стандарди на работење, за етаблирање на полицијата како сервис на граѓаните, како столб на владеењето на правото во нашата Македонија“,
порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на полициските службеници.
Секоја добра промена, додаде, почнува од светогледот на поединецот, неговото поведение и дејствување.
Дека патот на создавање на добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење порача дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев. Додаде дека раководството на МВР ќе ги обезбеди сите потребни ресурси за нивно достоинствено извршување на работните задачи, а нивна должност како идни вработени во Министерството ќе биде да се грижат за безбедноста на сите граѓани и државата.
„За остварување на тој наш приоритет изминатиов период многу работи направивме, а резултатите се видливи во сите 82 реконструирани објекти на МВР ширум државава, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, инвестиравме над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица. Ме радува фактот што денеска пред вас можам да кажам дека после 53 години во тек се градежните активности за комплетна реконструкција на целиот комплекс на Центарот за обука во Идризово, што ќе опфати реконструкција на Управната зграда со мензата, двата павилјона за сместување и школски објект со придружните објекти, во вкупна вредност на градежните активности над 180 000 000 денари“,
рече Бојмацалиев во своето обраќање.
Техничкиот премиер Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа. За професионалниот полицаец нема помалку или повеќе важна задача, рече Џафери и порача оти сите граѓани се исти пред законот и имаат еднакво право на безбедност.
„Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека полицијата како институција е професионална и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“,
истакна техничкиот премиер Талат Џафери.
На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, кому му беше доделена свечена плакета од премиерот.
Покрај националната химна, новите професионални полицајци на церемонијата ја запеаја и песната „Бисер балкански“. Видеото од настанот, кое може да го проследите во продолжение, е објавено на фејсбук-профилот на членот на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски.