Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов со медиумите сподели видео на кое се гледа како еден од полициските хеликоптери, што се користи за гаснење на пожарите, полни вода од мобилен базен поставен кај селото Богомила, Општина Чашка.
Според Ангелов, ваков базен се поставува од практични причини за да се скрати времето потребно за хеликоптерот да појде до река или езеро и да нацрпи вода.
„Заради поголема оперативност, во Богомила е наместен голем мобилен базен од кој хеликоптерот црпи вода и го скратува времето за дејство“,
вели Ангелов.
Ангелов денеска информираше дека активни се вкупно осум пожари на отворено низ цела Македонија. Според него, најсериозен и натаму е пожарот на планината Серта, во делот над селата Драгоево и Селце на територијата на Општина Штип.
Тој информираше и дека на територија на Општина Чашка се активни три пожари на отворено. По еден има во општините Градско, Росоман, Македонски Брод и Долнени.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, информираа дека во 26 налети полицискиот хеликоптер „бел-412“ денеска исфрлил 39 тони вода врз пожарот на планината Серта. Од МВР велат дека полицискиот хеликоптер дејствувал на пожарот меѓу штипските села Драгоево и Селце.