Метеоролозите предвидуваат повеќе врнежи и сметаат дека заканата од поројни поплави и одрони се особено опасна ситуација
Обилни врнежи и силни ветрови парализираа делови од американската сојузна држава Калифорнија, а според досегашните извештаи, невремето однело и неколку животи.
Властите досега објавија за три жртви како последица на невремето. Во близина на градот Сакраменто еден човек бил погоден од дрво што паднало во неговиот двор, а подоцна починал од повредите, објави Канцеларијата на судска медицина во округот Сакраменто.
Си-ен-ен пренесува дека уште две лица загинале од паѓање на дрвја во Северна Калифорнија.
Бурата, која првично беснееше во областа Сан Франциско, во понеделникот се премести на југ, кон Санта Барбара и Лос Анџелес.
Околу 1,4 милион луѓе во областа Лос Анџелес, вклучувајќи ги Холивуд Хилс и Беверли Хилс, се под предупредување за поплави. Метеоролозите предвидуваат повеќе врнежи и сметаат дека заканата од поројни поплави и одрони се особено опасна ситуација.
Во северна Калифорнија, во областа на заливот Сан Франциско, невремето ги претворило улиците во реки, а има паднати дрвја и далноводи од ветрови кои имале брзина од над 94 километри на час. Во планините ударите на ветерот биле и до 128 километри на час.
Низ Калифорнија вчера без струја се останати повеќе од 543 000 корисници.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, веќе предупреди на „силна бура со опасни последици“ и прогласи вонредна состојба во неколку окрузи.
Причина за обилните врнежи е временскиот феномен наречен „атмосферска река“. Атмосферските реки се долги, тесни појаси на водена пареа кои носат топла суптропска влага вдолж брегот на Тихиот Океан на САД. Тие носат огромни количества дожд и снег кога ќе стигнат на копно.