Зборувајќи за актуелната политичка состојба пред полната сала на хотелот „Александар палас“ во Скопје, Али Ахмети рече дека без оглед што некој во државата мисли дека е ага, а слугите се зад него, земјата може да оди напред само со добри меѓуетнички односи, пред сè, меѓу Македонците и Албанците
Ние (коалицијата „Европски фронт“ н.з.) нема да бидеме ничии аргати. Ова го порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на академијата организирана од опозициската коалиција „Европски фронт“ по повод 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Зборувајќи за актуелната политичка состојба пред полната сала на хотелот „Александар палас“ во Скопје, Ахмети рече дека без оглед што некој во државата мисли дека е ага, а слугите се зад него, земјата може да оди напред само со добри меѓуетнички односи, пред сè, меѓу Македонците и Албанците.
При говорот Ахмети неколкупати беше прекинуван со аплаузи, како кога порача дека Македонците само со заеднички живот и соработка со Албанците можат да си ја зачуваат својата историја и национален идентитет, инаку, како што рече, судено им е да не постојат.
„Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат. Така што, нека биде ова комеморација на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор кој има посебна заслуга затоа што оваа земја не беше поделена, не се раздели, затоа што не прифати ОВК, туку прифати целосен договор меѓу двете заедници и малите заедници во нивните области каде што живеат. Затоа, ние го штитиме, се бориме овој договор ниту да биде прекршен ниту загрозен, затоа што е спас и за Албанците и за Македонците како две најголеми заедници. Сопственоста за која размислуваа во 1990-тите треба да се заборави затоа што заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на лошото“,
рече Ахмети.
Во првиот ред во публиката друштво на Ахмети му правеа лидерите на партиите од „Европски фронт“, како и поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, и поранешната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи. Меѓу нив не беше лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во својот говор рече дека не смее и натаму да се дозволува улиците да имаат имиња од минатото кои се персонификација на едноумието и теророт што бил вршен врз Албанците меѓу кои ги наведе „Југословенска народна армија“, „Маркс и Енгелс“, „Маршал Тито“ и други. Посочи дека спротивно на ова малку се улиците со имиња на албански преродбеници.
Нагласи дека рамноправната застапеност на етничките заедници во институциите е еден од успесите на Охридскиот договор, но рече и дека таа не е на посакуваното ниво.
„Охридскиот договор има еден многу важен постулат, а тоа е дека договорите и Уставот мора да се усогласат со потребите на граѓаните на Северна Македонија. Ова е еден постулат во Охридскиот рамковен договор, секој кој отвора други теми, не прави ништо друго, само удара по тоа што беше свето за Охридскиот договор како што е унитарниот карактер на државата. ‘Европскиот фронт’ е тука да дебатира и дискутира за да го зачува правото на граѓанинот за легитимноста што тој ја дава со гласање. Во текот на овие години, во исто време, имаме и доволно искуство – кога се сака да се продолжи едноумието од минатото, секогаш се користи правилото од македонските политички субјекти – да се тргнат етничките прашања и да се занимаваме со економски прашања. Во меѓувреме, забораваме дека има три вида демократии – политичка демократија, економска демократија и социјална демократија. Без политичка демократија се губат вредностите на другите два типа демократии“,
рече Села.
Пред Села и Ахмети, говори одржаа и претседателот на Европска демократска партија, Аријанит Хоџа, на Демократска партија на Турците, Бејџан Илјаз, како и лидерот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац.
Меѓу присутните на настанот беа други високи функционери од ДУИ, ексминистри, како и поранешни и актуелни градоначалници. Присутен беше поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексшефот на македонската дипломатија Бујар Османи, како и поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими.
Меѓу гостите беше и актуелниот струшки градоначалник Рамиз Мерко, кој по ставањето на американската црна листа објави дека го замрзнал членството во ДУИ.
Ова беше засебен настан на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, за одбележување на годишнината од Рамковниот договор. Речиси во исто време Владата одржа свечена седница на која свои обраќања имаа премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер Изет Меџити. Вечерва Меџити приредува и прием во Музејот на современа уметност во Скопје.