Напаѓачот идентификуван како Одри Хејл (28) била вооружена со повеќе видови оружје и претходно детално го испланирала нападот. Имала нацртано мапа од училиштето со влезни точки и извесно време ја набљудувала заградата, соопшти полицијата во Нешвил
Американскиот претседател Џо Бајден, говорејќи за нападот, го повтори својот повик до Конгресот да ја усвои реформата за контрола на оружјето, која вклучува забрана за продажба на офанзивно оружје. „Мораме да направиме повеќе за да престане вооруженото насилство што ги распарчува нашите заедници. Тоа ја одзема душата на оваа нација“, рече Бајден
Напаѓачот кој застрела и уби шест лица, од кои три деца и тројца возрасни во приватно христијанско училиште во главниот град на американската сојузна држава Тенеси, Нешвил, е идентификуван како 28-годишната Одри Хејл, поранешна ученичка во училиштето, јавуваат медиумите во САД и Велика Британија.

Откако била лоцирана, таа е застрелана и усмртена од полицијата по масакрот што го изврши во училиштето.
Таа, како што пишува „Гардијан“ била вооружена со повеќе видови оружје и претходно детално го испланирала нападот. Имала нацртано мапа од училиштето со влезни точки и извесно време ја набљудувала заградата, соопшти полицијата во Нешвил.
Според извештаите, најмалку две од оружјата што ги користела биле набавени легално, пренесува Би-би-си.
Таа влегла во училишната зграда пукајќи во една од вратите на објектот. Според локалната полиција, осомничената немала претходно криминално досие.
Полицијата објави фотографии од безбедносните камери во училишната заграда на кои се гледа како 28-годишната Хејл се движи низ ходниците со пушка во рацете – облечена во војнички панталони со маскирна апликација, војнички елек и црвена бејзбол-капа.

Полицијата ги идентификуваше жртвите од нападот во училиштето како Евелин Дикхаус, Хали Скругс и Вилијам Кини – деца, сите на деветгодишна возраст. Трите возрасни жртви во нападот се идентификувани како Синтија Пик, заменик-наставничка, на возраст од 61 година; Кетрин Кунсе (60) и Мајк Хил (61).
Според интернет-страницата на училиштето основано во 2001 година, Кетрин Кунсе била раководител на установата од јули 2016 година.
Американскиот претседател Џо Бајден, говорејќи за нападот, го повтори својот повик до Конгресот да ја усвои реформата за контрола на оружјето, која вклучува забрана за продажба на офанзивно оружје.
„Мораме да направиме повеќе за да престане вооруженото насилство што ги распарчува нашите заедници. Тоа ја одзема душата на оваа нација“,
рече Бајден.
Тој нареди знамињата на Белата куќа и на сите федерални згради да бидат спуштени на половина копје во чест на жртвите од пукањето во Нешвил.
Наредбата ќе биде во сила до петок, соопшти Белата куќа.

Началникот на полицијата во Нешвил изјави дека бил трогнат кога ги видел децата како ги изнесуваат од училишната зграда.
Вчерашниот вооружен напад во училиштето Нешвил е последен во низата масовни напади со огнено оружје во земјата која станува сè понервозна од крвопролевањата во училиштата, наведува „Гардијан“.
Според весникот, во 2020 година вооруженото насилство ги надмина сообраќајните несреќи како водечка причина за смрт кај децата и тинејџерите во САД.