На маргините на конференцијата, Ковачевски денеска имаше средби со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, со германскиот канцелар Олаф Шолц, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со доскорашната претседавачка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на Минхенската безбедносна конференција учествуваше на затворена панел-дискусија посветена на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, соопшти владината прес-служба.
„Заедно со други лидери и високи претставници од регионот, претставници на невладината и академската заедница, учесниците разговараа за предизвиците и можностите на евроинтеграцискиот пат“,
се наведува во соопштението.
На маргините на конференцијата Квачевски денеска имаше средби со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, со германскиот канцелар Олаф Шолц, со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и со доскорашната претседавачка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.
На средбата со Фон дер Лајен, како што напиша Ковачевски на својот официјален фејсбук-профил, уште еднаш била потенцирана важноста Северна Македонија што побрзо да стане членка на Европската Унија.
„Нашите пријатели од ЕУ нè поддржуваат и помагаат во реформските процеси на земјата. Европскиот пат на земјите од Западен Балкан е важен за стабилност на регионот, безбеден и просперитетен живот, што нашите граѓани го заслужуваат“,
објави Ковачевски.
Германскиот канцелар на средбата со македонскиот премиер ја потенцирал недвосмислената поддршка на Берлин за европскиот пат на земјава.
„Дискутиравме за неопходноста од забрзување на евроинтегративните процеси, кои се важни за безбедноста и стабилноста на регионот. Германија е наш безрезервен поддржувач и значаен партнер при интегрирањето на нашата држава во ЕУ“,
напиша Ковачевски.
На кусата средба што премиерот ја имал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по панелот „Алијансата и подалеку од неа: партнерства за Европската безбедност” било подвлечено дека една година по воената агресија врз Украина, НАТО е обединет како никогаш досега во поддршката на Украина и ќе ја поддржува сè додека е потребно.
„Во оваа насока беа пораките на панелот. По обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, му пренесов дека Северна Македонија е целосно посветена во градењето партнерства за одржување на безбедноста во Европа и секако на Западен Балкан“,
посочува премиерот Ковачевски.
Тој во Минхен го проследи и панелот „САД во светот” на кој се обрати американската потпретседателка Камала Харис.
„На панелот, потпретседателката се осврна на евроатлантската обединетост која е посилна од кога било, иако трети страни се обидуваат таа обединетост да ја растурат, како и на евроатлантизмот, кој сè додека е жив, САД ќе бидат присутни во Европа. Потпретседателката Харис се осврна на годишнината од бруталната инвазија на Русија и порача дека Киев нема да падне“, напиша Ковачевски на Фејсбук.