Петрушевски упати и критика дека синдикалните претставници јавно се претставуваат како борци за повисоки плати и подобри услови за работниците, додека во пракса се трошат значителни средства за луксузни активности
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска го обвини претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, дека потрошил над 60 000 евра од членарината на синдикалците за организација на спортски игри во Црна Гора.

„Синдикалците на батерии си го покажаа правото лице. Пред камерите глумат загрижени и борци за поголеми плати, а позади камерите се луксузираат на грбот на своите членови“,
рече Петрушевски на денешната прес-конференција.
Според изјавата на Петрушевски, средствата се собрани од членарини што ги издвојуваат вработените, а биле искористени за луксузни спортски игри организирани надвор од земјата.
„Трпе Деаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ, и дел од раководството на ССМ, ги троши парите од членарините на синдикалците за луксуз, шетање и организирање спортски игри“,
кажа тој.
На денешната прес-конференција соопшти дека настанот, кој траел четири дена, бил одржан во туристичкото место Чањ во Црна Гора, наместо во домашни туристички центри.
„Трпе Деаноски преку синдикатот на УПОЗ организирал луксузни спортски игри, кои траеле четири дена, но не во Скопје, Охрид, Дојран или Струмица, туку во атрактивното и луксузно туристичко место Чањ, во Црна Гора“,
додава пратеникот.
Според него, претходни вакви спортски игри на синдикатот најчесто се организирале во Македонија, но овој пат, биле префрлени во странство со значително повисоки трошоци.
„На Трпе Деаноски мала му е Македонија и нашите туристички капацитети, па затоа одлучил спортските игри на УПОЗ, кои многупати се одржувале во Македонија, овој пат да ги одржи во Црна Гора и за тоа да потроши над 60 000 евра“,
посочува тој.
Петрушевски упати и критика дека синдикалните претставници јавно се претставуваат како борци за повисоки плати и подобри услови за работниците, додека во пракса се трошат значителни средства за луксузни активности.
„Лажната скромност на синдикалците како Трпе Деаноски од УПОЗ излезе на виделина. Додека во Македонија вели дека се мали платите и дека се борел за поголеми плати, дека граѓаните живееле во сиромаштија и мизерија, Трпе Деаноски во Црна Гора се луксузира на трошок на неговите синдикалци“,
додава Петрушевски.
Пратеникот на прес-конференцијата објави фотографија од дел од членовите на УПОЗ што учествувале на спортските игри во Црна Гора.

