Очекувањата се дека следната концертна сезона ќе биде ставен во употреба дотраениот објект, што сега ќе се обновува – во постоечките облик и габарит, додека на друга локација ќе се гради нова концертна сала, можеби, во облик на „јајце“, како што предвидува еден од проектите
Следната концертна сезона Универзалната сала да биде готова за одржување на концерти очекува градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој најави денеска старт на реконструкцијата на овој објект, чија можна дислокација, најавена во текот на летоото, предизвика лавина критики во јавноста.
При денешната обиколка на Универзална сала, заедно со министерката за култура Ирена Стефоска и вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, Шилегов истакна дека во текот на 2021 овој објект ќе им се врати на скопјани со нов сјај и ќе продолжи да биде култно место.

Тој рече дека со обезбедените буџетски средства од последниот ребаланс, конечно се создадени услови започнување на целосна реконструкција објектот, во постоечкиот облик и габарит, одржувајќи го својот автетичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.
„На овој чекор се одлучивме по широката подршка што јавноста ја даде за идејата да се сочува Универзалната сала во постојната форма, на постојната локација, што пак не значи дека сме се откажале од идејата и за нова концертна сала со придружни други конгресни капацитети на друга соодветна локација“,
изјави Шилегов.
Стефоска наведе Министерството за култура работи на новиот буџет за 2021 година и дека планират за следата година да почне изградбата на новата концертна сала во Скопје.
„Постојат повеќе готови проекти за изградба на нова коцертна сала. Јас сум за проектот ‘јајце. Зошто да не, тоа е работен проект, подготвен. Но, исто така разгледуваме и други можности“,
рече Стефоска.

Со ребалансот на буџетот за 2020 година, како што беше соопштено на денешниот настан, е отворена можност за финансирање на 19 капитални инвестиции во повеќе општини ширум државата. Три од нив се однесуваат на град Скопје. За реконструкција на Универзалната сала се предвидени 120 милиони денари буџетски средства.
