Пред Центарот за култура во Кочани има многубројни новинарски екипи од земјава и странство. На оградата на кејот на реката и натаму стои голем транспарент со натпис: „Ова е земја во која се доцни со сè, само предвреме се умира“
Мирисот на изгорено и натаму се шири од објектот на пеплосаната дискотека „Пулс“ во Кочани. Уличките што водат до неа сè уште се затворени за движење, а полицијата не дозволува пристап до објектот. Околината е тивка и траорна.

Малкуте луѓе што поминуваат во близина во молк фрлаат понекој поглед кон објектот и кон новинарските екипи. Непосредно до влезот на дискотеката живее 69-годишниот Бранко кој кобната ноќ бил сведок на целата трагедија.

„Многу ми е тешко да зборувам. Мртви тела вадеа постојано. Јас им помагав на екипите со сè што можев. Мајсторчето што работи во блиската работилница е тешко повредено и се лекува во Турција. Има само 24 години. Сè уште не можам да спијам, премногу сум вознемирен”,
едвај зборуваше тој со екипата на „360 степени“.
Човек вработен во локалната подружница на ЈП за државни патишта, која е во близина, на новинарските екипи им покажуваше како најблиску да пристапат до изгорената дискотека.

„Сега ми се јавија инспектори. Ме замолија да им обезбедам некаков алат за копање. Повторно ќе вршеле увид“,
рече тој.
Кафулето „Класик“, кое вчера го демолираа гневни жители на градот, и натаму е со искршени стакла и расфрлена внатрешност. Наоколу има многу полиција.

Пред Центарот за култура во Кочани има многубројни новинарски екипи од земјава и странство. На оградата на кејот на реката и натаму стои голем транспарент со натпис: „Ова е земја во која се доцни со сè, само предвреме се умира“.

На плоштадот кај паркот, луѓе и натаму палат свеќи за загинатите во страшниот пожар.


Кочанчани постојано зборуваат за нови протести по вчерашните во кои имаше нереди. Но, полицајците што ги сретнавме во центарот ни рекоа дека засега нема официјална најава.
