Седмата генерација ја завршија 30 кандидати за судии и 28 за јавни обвинители. По Советот на јавни обвинители, денеска оглас за вработување распиша и Судскиот совет, но и со овој оглас, како и тој за обвинителите, се отворија места за внатрешноста, а не за Скопје
Директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, им порача на идните судии и обвинители да не ги компромитираат општествените вредности и да бидат посветени на правдата дури и кога ќе се соочуваат со притисоци од надворешни сили. Државниот обвинител Јовески, пак, рече дека на оваа генерација ќе ѝ припадне честа да ги зајакне капацитетите на јавното обвинителство и судовите, а претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, им порача непристрасно да го применуваат правото, да ги унапредуваат и почитуваат човековите права и да обезбедат сите луѓе да бидат во состојба да живеат во согласност со законот

Последната, седма по ред генерација која ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители, денеска ги доби уверенијата. Дипломите в раце ги зедоа вкупно 58 кандидати, а меѓу нив изминатиот период вниманието на јавноста го привлекоа неколку звучни имиња – блиски роднини на актуелни функционери.
Од нив, 30 ја завршија Академијата како кандидати за судии, додека останатите 28, пак, ќе бидат идни јавни обвинители.

Меѓу идните обвинители е и Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Од Телма ТВ денеска побарале изјава од него, но тој одговорил дека не сака на свеченоста да дава изјави, но уверувал дека во иднина ќе се огласи за сите контроверзии поврзани со него од дипломирањето, па до запишувањето на Академијата за судии и јавни обвинители.
Покрај него, на листата од 28 идни обвинители од генерацијата на Џафери се и: Албулена Абази, сопруга на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази; Јетмир Беџети, син на судијата од скопска Апелација, Енвер Беџети.
Меѓу идните судии од оваа седма генерација која ја заврши Академијата, како едни од најзвучните имиња се најдоа: Билјана Иванова, снаа на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова; Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски; Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска; Драган Јосифовски, син на обвинителката Елизабета Јосифоска, која своевремено ѝ беше заменичка на Катица Јанева во СЈО.
Габер-Дамјановска: Не ги компромитирајте општествените вредности

На денешната церемонија на доделување на уверенијата, директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, на новите кадри им порача дека треба да му служат и да го штитат јавниот интерес и дека треба да се водат според правните принципи, а не според личната пристрасност или мислење.
„Никогаш да не ги компромитирате општествените вредности или посветеноста кон правдата, дури и кога се соочувате со тешки одлуки или кога трпите притисок од надворешни сили. Истовремено, вашите одлуки имаат длабоко влијание врз човечките животи, па затоа е важно да им пристапувате човечки, со емпатија, непристрасност и да бидете фер. Ве охрабрувам да негувате моќна и ефикасна соработка со другите институции во судскиот и правниот систем. Почитувајте ги и оние кои се хиерархиски над вас, но и под вас. Соработката и комуникацијата се клучни за еден правосуден систем кој добро функционира, па градењето силни релации со вашите колеги може да ги олесни и да ги направи постапките поефикасни“,
истакна Габер-Дамјановска.
Во говорот нагласи дека нивната работа е особено значајна и може да биде тешка и од емотивен аспект.
„Ќе работите со предмети кои ќе ги тестираат вашата издржливост и граници, и ќе бидете сведоци на болката и маките на другите луѓе. При остварувањето на вашите работни задачи, ве охрабрувам секогаш да мислите за важноста на емпатијата, сочувствувањето и понизноста. Законот може да биле апстрактен и комплексен, но по неговата бит, се однесува на луѓето и нивните животини искуства. Битно е да се слушнат нивните приказни, да се сфатат нивните потреби и да се борите да им ја обезбедите правичноста која им доликува“,
рече директорката на Академијата.
Јовески и Адеми им порачаа да обезбедат правда подеднакво и непристрасно за сите

На церемонијата се обрати и државниот обвинител Љубомир Јовески, кој им рече дека тие се претставници на новата генерација на јавни обвинители и судии кои во себе го носат духот на овие реформи.
„Јавното обвинителство во последен период се судри со многу проблеми, како во поглед на своите професионални и кадровски капацитети, па така на вашата генерација ќе ѝ припадне честа да ги зајакнете капацитетите на јавното обвинителство и судовите. Сакам да ви укажам дека правото мора да биде достапно и почитувано од граѓаните, а институциите да обезбедат тоа да важи за сите подеднакво“,
истакна Јовески.

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на кандидатите им порача непристрасно да го применуваат правото, да ги унапредуваат и почитуваат човековите права и да обезбедат сите луѓе да бидат во состојба да живеат во согласност со законот.
„Овие се основи на секоја функционална демократија која се заснова на владеење на правото и заштита на човековите слободи и права“,
додаде Адеми.

Со свои говори настапија и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, како и првите луѓе на Судскиот и Советот на јавни обвинители, Весна Дамева и Антонио Јолевски.
И Судскиот совет распиша оглас, но ниту едно место не е за Скопје
Токму овие две тела ќе одлучат за првите вработувања на оваа генерација судии и јавни обвинители.

Судскиот совет денеска на седница распиша оглас за вработување на 31 судија низ повеќе основни судови низ внатрешноста на државата, но ниту едно место за во Скопје: шест за Прилеп; четири за Струга; по три за Битола и Кичево; по две за Крушево, Охрид, Тетово, Делчево, Радовиш и Берово; како и по едно место за Куманово, Струмица и Свети Николе.

На почетокот на март тоа го направи и Советот на јавни обвинители. Тие распишаа оглас за прием на 31 обвинител, иако има само 28 завршени кандидати. Но, и тие настапија со истата тактика – ниту едно место не беше објавено за Скопје, туку за внатрешноста. Според дискусијата која тогаш можеше да се слушне на седницата, членовите на Советот решија дека е поважно да се доекипираат обвинителства кои се најкритични со кадар, па така, за одредени обвинителства каде што фалат обвинители и од каде што има кандидати кои ја завршија Академијата, решија да не распишат оглас бидејќи сметаа дека ситуацијата во некое од обвинителствата во соседните градови е покритична. Така, со огласот тие се обидоа да ги „натераат“ кандидатите за обвинители да се пријават за работа во некој од соседните градови.