Дел од светските медиуми објавуваат првични анализи дека двајцата спасени најверојатно го преживеале падот бидејќи биле врзани за нивните седишта токму во опашката на авионот

Најмладиот патник на кобниот лет на „Боинг 787-300“ кој излета од пистата на јужнокорејскиот аеродром Муан имал само три години. Најстариот патник, пак, имал 78 години, додека останатите биле претежно средовечни патници, главно од јужнокорејска националност. Двајца патници биле од Тајланд.
Во авионот имало вкупно 181 патник и членови на екипажот. Досега е потврдено дека загинале 179 лица, а само двајца преживеале.

Двајцата преживеани се членови на екипажот кои биле извлечени од опашката на авионот и се пренесени во болница со сериозни повреди.
Авионската несреќа се случи денеска на меѓународниот аеродром Муан во Јужна Кореја, кога авион на компанијата „Jeju Air“ слета на пистата без активирани тркала, се излизга и удри во ѕид, по што се случи силна експлозија.

Поради оваа трагедија властите на Јужна Кореја прогласија седумдневна жалост во провинцијата Џеола, пишува Си-Ен-Ен.
Светските лидери изразуваат сочувство до јужнокорејскиот народ, вклучително и украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Дел од светските медиуми објавуваат првични анализи дека двајцата спасени најверојатно го преживеале падот бидејќи биле врзани за нивните седишта токму во опашката на авионот.

Меѓу сомнежите на експертите за можните причини за несреќата е потенцијален судир со птици. Но официјално и натаму остануваат нејасни причините за најсмртоносната авионска несреќа на јужнокорејско тло.