На фотографијата се гледа автомобил „рено“ со веројатно затемнет заден прозорец, пишува РИА
Терористите кои учествуваа во нападот на „Крокус сиити хол“, наводно побегнале со автомобил Рено, објави РИА новости. Новинската агенција на својот Телеграм канал објави и фотографија од автомобилот.
На фотографијата се гледа автомобил „рено симбол“ со веројатно затемнет заден прозорец, пишува РИА.
Најмалку 40 луѓе се убиени, а над 100 се ранети во вечерашниот напад во концертната сала „Крокус“ во предградие на Москва, соопшти центарот за односи со јавноста на ФСБ, објави РИА новости. Истражувачкиот комитет на Русија кажа дека нападот се третира како терористички, но засега нема информации кој стои зад него.
„Прелиминарно, како резултат на терористичкиот напад во комплексот на концертната сала ‘Крокус’, во моментов има 40 мртви и повеќе од 100 повредени“,
нагласија од центарот за односи со јавноста на ФСБ.
Најмногу петмина вооружени лица облечени во маскирни униформи се вмешани во нападот. Се верува дека најмалку еден успеал да избега и се трага по него.
Салата во која се случи нападот е оддалечена 20 километри од Црвениот плоштад во Москва. Новинската агенција РИА објави дека околу една третина од објектот е во пламен и дека покривот на салата се урива, а се верува дека внатре има уште луѓе.