Иако се определени по три дена за упис во секоја следна година од студиите, тоа не ги намали турканиците пред шалтерите на студентските прашања, при што не се одржува потребното растојание
Долги редици и групирања меѓу студентите можат да се забележат денеска во комплексот факултети на УКИМ во Скопје, каде што е сместен и Ректоратот на државниот универзитет.
На првиот ден од уписот на студенти во повисоките години на Правниот, Економскиот, Филолошкиот и Филозофскиот факултет впечаток е дека само делумно се почитуваат мерките за заштита од ковид-19.
Иако се определени по три дена за упис во секоја следна година од студиите, тоа не ги намали турканиците пред шалтерите на студентските прашања, при што не се одржува потребното растојание од 1,5 до 2 метри, а дел од студентите не носеа маски ниту во внатрешноста на факултетите.
Новата академска година вообичаено почнува на 1 октомври, но годинава е неизвесно дали може да дојде до нејзино пролонгирање, откако за еден месец беше одложен стартот на новата учебна година во средните и во основните училишта.
Исто така, не се знае како ќе се изведува наставата, која беше прекината со почетокот на ковид-кризата во земјава и како ќе се полагаат испитите. Односно дали процесот ќе биде целосно онлајн или ќе се оди на комбиниран модел.