Од МВР потврдија дека има приведено едно лице, а за седуммина се преземени мерки за непочитување на уредбата и мерките за јавен собир и групирање и ќе им бидат поднесени пријави
Група граѓани со знамиња, чадори, маски и транспаренти со симболот на Сонцето од Кутлеш денеска пред Владата одржаа протест против владините мерки за спречување на коронавирусот, 5Г и вакцините.
Ковид-19, според дел од демонстрантите е обичен грип за кој нема потреба од вакцина, ниту потреба од заштита со маски и ракавици.
Иако не веруваат во методите за заштита од короната, насобраните луѓе сепак носеа маски и дел од нив држеа дистанца со образложение дека не сакаат да плаќаат казни.
„Сите овие глупости што се шират за да има епидемија на една територија треба да има 15% заболени. И по некои дефиниции 5-10% починати. Кај нас нема. И во исто време се поставуваат и 5г мрежи навечер во недела без маски во полициски час и за нив нели нема пандемија. Или оние што го прават тоа имаат посебен имунитет од отровната вакцина Бил Гејтс?“,
изјави еден демонстрант.
„Не сакаме вакцини со отров , нема да дозволиме да им помине планот. Трева не пасeме. Ќе се открие вистината , а тоа е да се уништат економиите на сите држави, пандемија не постои“,
изјави друг граѓанин.
Насобраните пред Владата зборуваа и против задолжувањата, економските политики што ги спроведува Владата, изборите, како и за промената на името на државата и истакнувањето на сонцето од Кутлеш, а организатор како што рекоа не стоел зад протестите, туку спонтано се собрале преку социјалните мрежи.
Откако интервенираше полицијата насобраните луѓе заминаа со возила , но дел од протестирачите останаа и се конфронтираа со полицијата која приведе едно лице.
Од МВР потврдија дека има приведено едно лице, а за седуммина се преземени мерки за непочитување на уредбата и мерките за јавен собир и групирање и ќе им бидат поднесени пријави.