Илинденските празнувања на Мечкин Камен симболично почнаа со пристигнувањето на коњаницата и со положување цвеќе пред споменикот на илинденците. На манифестацијата, која годинава се одбележа под слоганот „Нашата сила за иднината“, присуствуваа претставници на Владата предводени од премиерот Димитар Ковачевски, претставници на други државни институции, на Армијата, на политички партии, граѓански организации и граѓани.
Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ го напуштија настанот со оценка дека станува збор за партиски митинг на СДСМ.
Официјалниот дел од прославата почна со интонирање на државната химна од оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова, во придружба на Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија. Следувеше обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски, кој нагласи дека Илинден е длабоко врежан во нашиот код. ,,Илинден е нашиот код. Тоа е идеја за заедништво и прогрес што гради мостови. Не руши”, порача премиерот.
Во духот на сплотеноста и вековниот стремеж за демократска и просперитетна заедничка татковина, на Мечкин Камен прозвучеа фолклорното друштво „Студио Фолклор-Скопје“, „Влашки хор-Крушево“, Национална установа – Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, а настапуваа и Национална установа – Ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како и Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија.
Прославата на големиот државен празник Илинден под слоганот „Нашата сила за иднината“ и годинава се одржа на повеќе локации – во Скопје, Пелинце, Крушево и во Смилево, во организација и координација на Владата.
Годинава, првпат по пауза од 18 години, Илинден се одбележа со македонски претставници и во манастирот „Св. Прохор Пчински“ на територијата на Србија. Претседателот Стево Пендаровски, кој ја предводеше делегацијата во „Св. Прохор Пчински“, положи венец со цвеќе на спомен-плочата на АСНОМ, поставена во манастирскиот комплекс, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.