Во земјава пристигна нова донација вакцини од 20 000 дози, а дополнително ќе пристигнат уште 20 000. Станува збор за донација од Србија, која денеска во кругот на Клиничкиот центар во Скопје ја пречекаа премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
„Пристигна втората донација од Србија, акт на огромно пријателство кое доаѓа во многу значајно време за нас. Се работи за двапати по 20 000 вакцини ‘спутник В’ кои ги добиваме од пријателска Србија во период кој е многу важен за да продолжи континуитетот на масовната вакцинација во земјата“,
рече Заев.
Ова е втора донација од Србија, откако претходно ни донираше и 8 000 вакцини од компанијата „Фајзер“.
Со донацијата, рече Филипче, ќе се овозможи континуитет во вакцинацијата додека да пристигнат вакцините што земјава ги има нарачано. Дел од нив ќе се искористат за вакцинација на возрасното население, дел за критичните групи вработени во државната инфраструктура.
Вакцинацијата на населението над 77 години почна вчера со вакцините на „Астра Зенека“ кои пристигнаа преку механизмот Ковакс.
„Сега кога веќе се достапни во нашата земја и овие вакцини, претходните околу 5 000 преостанти од ‘Астра Зеника’ ги вклучуваме во веќе постојниот систем, којшто процес на имунизација ширум здравствените домови добро се спроведува за да се дополни бројката на постарите граѓани кои се веќе пријавени, со тоа што се проширува сега и возрасната група. Вакцините на ‘Спутник В’ ќе бидат во еден дел да се надополнат уште повеќе овие критични категории на граѓани, но и за почеток на оние категории кои веќе ги најавивме (вработени во критичната државна инфраструктура)“,
рече Филипче.
Вработени во критичната државна инфраструтура беше планирано да се вакцинираат со 4-5 000 вакцини од „Астра Зенека“, но државата реши да го следи примерот на Канада и Германија и привремено ја стопираше употребата на оваа вакцина за помладите од 60 години односно додека да добие официјалната потврда на Европската агенција за лекови (ЕМА) за тоа дали за помлади групи на граѓани може да се користи „Астра Зенека“.
Заев и Филипче се заблагодарија на државниот врв на Србија, претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и министерот за здравство Златибор Лончар.