На местото интервенира една екипа од скопската противпожарна бригада, а како што додаде директорот на ЦУК, кон пожарот упатени се уште неколку пожарникарски екипи
Голем пожар попладнево избувна во Расадникот во скопска Кисела Вода.
Според информациите што ги објави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, зафатена е голема површина, а огнот, во кој горат оревови дрвја, грмушки и трева, се движи во сите насоки.
На местото интервенира една екипа од скопската противпожарна бригада, а како што додаде Ангелов, кон пожарот упатени се уште неколку пожарникарски екипи.
„Верувам дека околните објекти ќе бидат навремено заштитени бидејќи насекаде околу овој расадник постојат различни објекти – од едната страна имаме бензинска пумпа, од другата страна се наоѓаат зградите во Општина Кисела Вода. Веднаш на 100 метри одовде е булеварот“,
изјави првиот човек на ЦУК во видеоизјава.
Ангелов апелира на смиреност кај граѓаните.
„Верувам дека храбрите скопски пожарникари наскоро ќе го стават под целосна контрола, а потоа и ќе го изгасат овој, според мене, невообичаен и апсурден пожар, бидејќи ние имаме шумски пожар во градот Скопје – нешто што досега го немам видено“,
додаде Ангелов.