На отворено, пред хотелот „Белви“, на излезот од Скопје, СДСМ и коалицијата „Можеме“ ги очекуваат резултатите од денешното гласање на парламентарните избори.

До овој момент атмосферата во овој штаб е мирна. Присутни се многубројни новинарски екипи и лица од прес-службата на СДСМ. Барем засега сите ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Местата за седење се на дистанца.
Ниту еден лидер на партиите од коалицијата, ниту член на раководството на СДСМ досега не се појави во делот за новинарите.

Се очекува околу 21:30 часот првата оценка за изборниот ден да ја соопшти генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.
Се чека во штабот да пристигне и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој денеска беше во Струмица, каде што го оствари своето право на глас.