Во рамки на одбележувањето на 32-годишнината од осамостојувањето на државата, денеска во Градскиот парк во Скопје се одржаа низа активности наменети за сите генерации, а граѓаните имаа можност и за бесплатна посета на музејски и галериски поставки во ликовните салони и археолошки локалитети низ целата држава
По повод 8 Септември – Денот на независноста на земјава, зградата на Владата вечерва светна во боите на македонското знаме.
Денот на независноста годинава се одржа под слоганот „Гласник на слободата“. Во рамки на одбележувањето на 32-годишнината од осамостојувањето на државата, во организација на Владата, денеска во Градскиот парк во Скопје се одржаа низа активности наменети за сите генерации.
На Школка свиреше воениот оркестар на Армијата, настапија културно-уметнички друштва, како и Златно славејче, а членовите на Театарот за деца и младинци ја одиграа претставата „Гига Мега бајка“.
Во соработка со Агенцијата за млади и спорт, пак, се организираа и серија спортски интерактивни активности.
Најмладите, но и останатите граѓани имаа можност да видат и тактичко-показни вежби во изведба на Армијата и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Покрај тоа, граѓаните имаа можност за бесплатна посета на музејски и галериски поставки во ликовните салони и археолошки локалитети низ целата држава.