Шефот на државата посочи дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат и дека со своето дејствување сака да даде придонес во унапредување на родовите политики во земјата
Претседателот Стево Пендаровски синоќа се обрати на затворањето на осмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско“, посочувајќи дека родовата еднаквост е важна заложба во неговиот мандат и дека со своето дејствување сака да даде придонес во унапредување на родовите политики во земјата.

„Моето присуство на овој настан сакам да биде разбрано како поддршка на посветеноста на организаторките и сите културни работнички и работници, уметници, активистки и теоретичарки, кои со години даваат придонес во развојот на нашата независна културна сцена и ја промовираат женската културна и уметничка креација“,
рече Пендаровски.
Овие месеци, нагласи шефот на државата, сме соочени со огромниот предизвик – да се справуваме со најголемата здравствена криза во овој век, која сериозно се одрази во сите општествени сфери и ги промени нашите животи.

„Пандемијата придонесе за продлабочување на постојните нееднаквости во различни области и на различни нивоа и ни покажа колку е важно да се работи на градењето на подобар свет, на заедници во кои еднаквоста, грижата, почитта, солидарноста ќе бидат наши носечки принципи, инаку, принципи кои се и во основата на феминизмот и движењата за родова и социјална правда“,
рече Пендаровски.