Отстранети се дивопоставените рампи и странична ограда долж дивоизградената уличка што води до зградата на владината Служба за општи и заеднички работи во центарот на Скопје. На терен е видливо дека од довоградбата е останата уште уличката.

„360 степени“ објави неколку стории за овој случај, откако сопствениците на соседните парцели се пожалија дека им е блокиран пристапот до имотите, а посочија и дека се крши деталниот урбанистички план, според кој, на тоа место, воопшто, не е предвидена улица.
Соседите го пријавија случајот до општинскиот инспекторат, кој констатираше дека се работи за дивоградба и ја задолжи СОЗР сама да ја отстрани – обврска што Службата ја одолговлекуваше.
Во Општина Центар немаат информација кој ги тргнал рампите и оградата, а за уличката која може да се користи и без рампи велат дека ќе се отстрани кога ќе се работи на тој дел од ДУП-от. Кога ќе биде тоа, нема прецизна информација.

Последните настани коинцидираат и со кривичната пријава што засегнатите сопственици ја поднесоа против директорот на СОЗР, Пеце Мирчевски. „360 степени“ пред три недели го затекна Мирчевски на излегување од јавното обвинителството, каде беше повикан поради кривичната, но тој не застана пред нашата камера за да каже што бил прашан и што одговорил.

Деталниот урбанистички план за просторот околу зградата на Службата за општи и заеднички работи предвидува пристап до објектот по т.н адвокатска улица. Во пракса, спротивно од тоа што е испланирано и одобрено од општинскиот совет, владината институција, на своја рака, изградила улица што, патем, поминува преку тротоар и излегува директно на булеварот „Филип Втори Македонски“.

Од СОЗР досега тврдеа дека станува збор за привремено решение.