Претходно шефот на дипломатијата се сретна и со министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, порачувајќи дека земјава го цени тоа што Германија е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, особено кога се работи за прашања за нашето политичко интегрирање во ЕУ
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Берлин се сретна со неговиот бугарски колега Никола Милков, по што соопшти дека разговарале за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство, како и дека до промена на контекстот во кој се наоѓаме ќе се дојде само со дијалог и реализирање конкретни проекти.

„Во фокусот на разговорите: исполнувањето на заедничките обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и остварената соработка во рамките на процесот на унапредување односите меѓу двете држави. Продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти се единствениот пат кој ќе доведе до промена на контекстот во кој дејствуваме, како и инвестиција во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и граѓани“,
објави Османи по средбата.
Шефот на дипломатијата се сретна со бугарскиот колега на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес што се одржува во Берлин.
Претходно тој се сретна и министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, порачувајќи дека земјава го цени тоа што Германија е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, особено кога се работи за прашања за нашето политичко интегрирање во ЕУ.

„Благодарност за силниот интерес на Германија и Канцеларот Шолц да го ревитализира Берлинскиот процес како значајна алатка која ги поддржува евроинтегративните процеси во Северна Македонија и земјите од Западен Балкан со цел нивно поскоро приклучување кон Унијата. Северна Македонија останува кредибилен партнер во регионот, и од аспект на НАТО присуството на Балканот, како земја членка, и од аспект на заштитник и промотор на европскиот кредибилитет во регионот“,
наведе Османи по средбата со Бербок.
На маргините на Берлинскиот процес тој се сретна и британскиот шеф на дипломатијата, Лео Доерти со кој, меѓу другото, разговарале и за актуелните политички состојби во земјите од Западен Балкан и улогата на Обединетото Кралство, како и подготвеноста за британска помош за справување со енергетската криза и сајбер безбедноста во Северна Македонија.