Отворањето на Почесниот конзулат во Едрене, како што нагласил Османи, ќе биде дополнителен поттик за понатамошно зацврстување на традиционално блиските и пријателски односи помеѓу Северна Македонија и Република Турција
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска официјално го отвори Почесниот конзулат на земјава со седиште во градот Едрене во Република Турција, што се случува на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.
За почесен конзул е именуван Есер Џевахир кој ќе ги покрие регионите Киркларели и Текирдаг.
„Задоволство ми е да во овој прекрасен град го отворам првиот Почесен конзулат на Република Северна Македонија во регионов, кој сигурен сум дека ќе биде дополнителен поттик за понатамошно зацврстување на традиционално блиските и пријателски односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Турција“,
истакнал Османи во своето обраќање пред присутните гости.
„Огромни се потенцијалите за продлабочување на економската соработка, вклучително и во делот на обновливите извори на енергија, градежништвото, инфраструктурата, земјоделството. Но, не застануваме тука туку целиме таквата соработка да ја прошириме и во конкретни проекти за што убеден сум, дека во голема мера ќе придонесе и нашиот почесен конзул Џевахир“,
рекол Османи.
За време на престојот во Турција, министерот имал средба и со управителот на Едрене, Хусејин Куршат Кирбијик, со кого, како што информира Османи на Фејсбук, се разговарало за севкупната размена меѓу двете држави. Посебен осврт бил направен на соработката со регионот на Едрене како важен индустриски и туристички центар на Турција.
„Се сложивме за потребата од вложување на дополнителни напори во насока на промоција на трговските, културните и туристички потенцијали на Северна Македонија и Турција“,
пишува Османи на Фејсбук.
Министерот за надворешни работи имал средба и со голем број студенти од Северна Македонија кои студираат на Универзитетот Тракија во Едрене.