Јубилејното 60. издание на фестивалот Охридско лето веќе петти ден се одржува во услови на новото нормално и под силни протоколи на заштита од коронавирусот. Публиката е во значително намален број поради ограничувањата за присуство на настани, а пред секој концерт се мери и температура на сите посетители.
Оценувајќи како поминаа музичките концерти во изминатите денови, селекторката Даница Стојанова смета дека овој фестивал во моментов е единствен културен бисер којшто треба да служи како пример во секоја смисла.
Вчера концерт одржа руската пијанистка Наталија Трул на подиумот во црквата Света Софија. Настапот го започна со интерпретација на Соната оп.31 бр 2 d-moll „Бура“ од Лудвиг ван Бетовен со што фестивалот и уметницата која е претставничка на старата руска пијанистичка школа дадоа придонес во одбележувањето на 250 години од раѓањето на големиот композитор, чија девиза дека музиката е универзален јазик што ги поврзува луѓето, денеска е актуелна повеќе од кога и да е.
Стојанова вели дека станува збор за пијанистка кај која воопшто не постојат никакви пропусти во изведувањето.
„Со Наталија Трул соработувам веќе подолго време. Таа освојува сребрен медал на Меѓународниот натпревар Чајковски. Концертира насекаде во светот и е специфична во своите изведби. Наталија Трул е еден голем, челичен, би рекла машки изведувач, иако е жена. Таа е претставник на типичната стара руска школа кај која нема апсолутно никакви пропусти во ништо“,
вели Стојанова.
Според неа, фестивалскиот репертоар годинава е одличен, а за концертите на класична музика се бара карта повеќе, но како што појасни, има рестрикции во однос на бројот на посетители поради тоа што максимално се почитуваат здравствените протоколи за одржување вакви настани.