По денешниот избор, во порака до нашата редакција, Ислам Абази најави дека утре преку прес-службата на Обвинителството ќе даде изјава за медиумите
Членот на Советот на јавни обвинители, Влатко Георгиевски, изјави дека станува збор за добар човек и професионалец, а претседателот на Советот, Антонио Јолевски, порача дека очекува ОЈО ГОКК под негово раководство да има повеќе завршени предмети
Шефот на Вишото обвинителство во Гостивар, Ислам Абази, со само два гласа повеќе го победи заменик-шефот на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, Ермон Незири, во трката за прв човек од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според малку достапните информации за неговата досегашна работа, тој има десетгодишно работно искуство како обвинител.
Што ќе му биде приоритет како нов шеф и како ќе ја подобри работата на ОЈО ГОКК, јавноста немаше можност да слушне директно од него во пресрет на денешните избори. Тој не излезе ниту со една изјава во медиумите, вклучително и во претставувањето на кандидатите што го објави „360 степени“ минатата недела. Од четворицата претенденти за функцијата, само Абази не одговори на нашите прашање.
По денешниот избор, пак, во порака до нашата редакција, Абази само најави дека утре преку прес-службата на Обвинителството ќе даде изјава за медиумите.
Членот на Советот на јавни обвинители и воедно и на Комисијата за спроведување на денешните избори, Влатко Георгиевски, вечерва за Абази кажа дека е добар човек и професионалец.
„Тој е јавен обвинител, шеф на Вишото јавно обвинителство во Гостивар. Моите запазувања како колега кој соучествувал во контроли и надзори, се дека се работи за исклучително добар професионалец, добар човек“,
рече Георгиевски кога новинарите го прашаа да сподели повеќе информации за биографијата на Ислам Абази со оглед дека јавно не се познати многу податоци.
И претседателот на Советот, Антонио Јолвески, сподели делови од неговата биографија.
„Знам дека претходно работеше како стручен соработник во Основниот суд. Потоа, од 2012 г., мислам дека како јавен обвинител беше избран во ОЈО Гостивар, после тоа од 2013 г е во Вишото, а од 2018 г. е како шеф на Вишото“,
рече Јолевски.
На прашањето зошто новиот шеф досега воопшто не се појави во јавноста, тој одговори дека тоа треба да се праша лично Абази.
Она што го очекува Јолевски како прв човек на Советот од него како нов шеф на ОЈО ГОКК е да има повеќе завршени предмети од досега во ова обвинителство.
„Очекуваме дека тоа обвинителство ќе си ја завршува работата така како што треба и дека тој ќе си ги преземе сите мерки според оние задачи што ги има, односно дека ќе се завршуваат повеќе предмети кои се во надлежност на тоа обвинителство“,
рече Јолевски.
Абази денеска освои 66 гласа. Второпласираниот Незири ја доби довербата од 64 обвинители. Останатите две кандидатки беа досегашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, за која гласале 14 обвинители, како и Деса Пауновска од Вишото обвинителство во Гостивар, која заврши со 10 гласа.
Резултатите не се конечни со оглед дека според закон, кандидатите имаат право да поднесат приговор во рок од пет часа од нивното објавување. Комисијата што ги организираше изборите, доколку има приговори, за 12 часа ќе треба да се произнесе за нив. Доколку кандидатот не е задоволен од одлуката на Комисијата, тогаш подносителот на приговорот има право да поднесе тужба до Управниот суд, кој во рок од 48 часа ќе треба да донесе конечна одлука.
Советот на јавни обвинители има рок од седум дена по изборите да одржи седница на која, според конечните резултати, ќе го назначи новиот шеф на ОЈО ГОКК.