Според полицијата, осум мажи и три жени починале на местото на настанот, додека уште едно машко лице им подлегнало на повредите во болница
Нападот се случил во дива населба во областа Кливленд во Јоханесбург, а се верува дека групата вооружени мажи во неа влегла преку два влеза и почнала да пука кон жителите
Најмалку 12 лица се убиени во масовно пукање во сиромашен кварт во Јоханесбург, откако група од над 10 осомничени лица влегла во населбата и отворила оган кон жителите, соопшти полицијата во Јужна Африка, пренесуваат светските медиуми.

Според извештаите што ги пренесува Би-би-си, во пукањето се повредени уште девет лица, додека потрагата по осомничените напаѓачи и понатаму е во тек.
Нападот, како што информира полицијата, се случил во дива населба во областа Кливленд во Јоханесбург, а се верува дека групата вооружени мажи во неа влегла преку два влеза и почнала да пука кон жителите.
„Сознанијата се дека повеќе од 10 осомничени биле оставени со бело возило ‘тојота квантум’ во близина на бензиска пумпа во Кливленд… Осомничените наводно влегле во неформалната населба низ двата влеза и се движеле низ облста, отворајќи оган врз жителите и членовите на заедницата на повеќе локации, пред да избегаат од местото на настанот со истото возило“,
се наведува во соопштението на полицијата во Јоханесбург.
Од локалната полициска станица соопштиле дека пукањето во населбата било пријавено синоќа околу 23:10 часот, според локално, односно 22:10 часот според средноевропско време.
На местото веднаш биле упатени полициски сили, како и екипи на Итна медицинска помош за пружање помош на повредените жители на сиромашниот кварт.
Според полицијата, осум мажи и три жени починале на местото на настанот, додека уште едно машко лице им подлегнало на повредите во болница.
Најмалку девет други лица биле однесени во разни медицински установи за лекување на прострелни рани.
Мотивот за нападот засега останува непознат и полицијата работи на негово расветлување во рамките на истрагата, која е во тек.

Минатата година, како што потсетува Би-би-си, девет лица беа убиени во масовно пукање во таверна во Јоханесбург.
Инаку, Јужна Африка има една од највисоките стапки на убиства во светот, со околу 60 убиени луѓе дневно во просек.
Пукањата во неформалните населби се многу чести во земјата и понекогаш се поврзани со насилство меѓу бандите и лични спорови.
Според статистиката што ја цитира Гидеон Жубер од Јужноафриканската асоцијација на сопственици на оружје, во Јужна Африка има околу три милиони парчиња оружје кое сопствениците го поседуваат легално и најмалку исто толкав број нелегално оружје.
