Фотографија од лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, како држи меч во своите раце беше споделена вчера на фејсбук-страницата на неговата партија.
Под фотографијата пишува „Скопје му го даде мечот на командантот“, алудирајќи на дел од вчерашниот говор на Ахмети за време на предизборниот собир во Скопје.
Ахмети вчера од главниот град побара од младите Албанци да му го дадат мечот на 15 јули и да се види како функционираат неговите раце.

„Жалам зашто моите колеги Македонци се однесуваат со ваква паника, зашто не излегуваат на дебата, зашто не се соочуваат со Насер Зибери. Со Насер Зибери не се соочуваат заради тоа што им фали знаењето на Насер Зибери. Насер Зибери на соочување оди на природен начин, не со тенденција. Тој оди да ги брани интересите. Од овде барам од младите Албанци, од мисионерите Албанците на 15 јули да ми го дадат мечот и ќе видите како ќе ги ставам во функција моите раце“,
рече Ахмети.