За време на посетата на Украина, која доаѓа на два дена од годишнината од почетокот на руската инвазија, Петровска најави дека на претставниците на официјален Киев ќе им ја пренесе недвосмислената поддршка на нашата земја за украинскиот суверенитет и поддршка на правото за самоодбрана
Во пресрет на годишнината од руската инвазија на Украина, министерката за одбрана Славјанка Петровска информира оти утринава пристигнала на украинска територија со цел, како што вели, да го поддржи украинскиот народ во борбата за одбрана на својата татковина.

„Пристигнав во Украина, земјата која една година го брани својот суверенитет и територијален интегритет“,
напиша Петровска во објава на Фејсбук.
За време на посетата на Украина, како што информираат од Министерството за одбрана (МО), Петровска ќе има средби со претставници на официјален Киев на кои ќе им ја пренесе недвосмислената поддршка на нашата земја за украинскиот суверенитет и поддршка на правото за самоодбрана.


Оттаму додаваат оти министерката и лично ќе се запознае со последиците од руската инвазија, а од претставниците на официјален Киев одблиску ќе се информира за состојбата на теренот.
Посетата на Петровска на Украина е на само два дена од годишнината од почетокот на руската инвазија на Киев која започна на 24 февруари минатата година.