Министерството за надворешни работи вечерва е осветлено во боите на украинското знаме во знак на солидарност за воената инвазија која се случува таму од страна на Русија, информираше на својот Фејсбук профил шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
„24 февруари е тажен ден за Украина и мрачен ден за Европа. Со нападот врз Украина, Кремљ уште еднаш грубо го прекрши меѓународното право со кое им донесе страдање и уништување на своите непосредни соседи и го прекрши суверенитетот и границите на Украина. Истовремено, ваквите дејствија го доведоа до прашање и мировниот поредок на нашиот континент. За ништо од ова нема оправдување. Војната и огнот не се шега, а употреба на сила и принуда нема место во 21 век“,
напиша Османи на Фејсбук.
Османи напиша и дека „ќе вложиме напори страдањата да запрат“.
„Вечерва, го осветливме Министерството за надворешни работи во боите на украинското знаме со што сакаме да пратиме силна порака на поддршка и солидарност со Украина и пријателскиот украински народ, во овие тешки моменти. Нашите народи се добро познати по подавањето рака на оние на кои таа им е потребна, нешто што е запишано и во историјата. Ние ќе вложиме напори да запрат вашите страдања“,
се додава во објавата на Османи.