Со тројцата поранешни премиери и ексминистерката за одбрана, како и со други експратеници, амбасадори и други високи државни функционери, како што пишува собранискиот спикер Јован Митрески во објава на Фејсбук, разговарале за придонесот што секој од нив поединечно го дал во процесот на зачленување на земјава во НАТО
Во пресрет на 27 март – денот кога С Македонија одбележува четири години од зачленувањето во НАТО-алијансата – собранискиот спикер Јован Митрески денеска организирал средба во просториите на Клубот на пратениците на која, меѓу другите, присуствувале тројца експремиери од редовите на СДСМ.
Според фотографијата објавена на фејсбук-профилот на Митрески, тој седи во друштво на експремиерот Димитар Ковачевски, неговиот претходник Зоран Заев и Владо Бучковски кој беше на премиерската позиција од 2004 до 2006 година. До нив седи и ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Присутна на средбата била и поранешната министерка за одбрана во владата на Зоран Заев, Радмила Шекеринска, за време на чие министерување земјава стана дел од воената алијанса.
„Со тројцата поранешни премиери и поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која го развиори нашето знаме во седиштето на НАТО, но и со поранешни пратеници, амбасадори, носители на високи државни функции, разговаравме за придонесот што секој од нас поединечно го дал во овој процес и за патот што го изодевме за да имаме денеска безбедна држава, особено во услови воената агресија недалеку од нас. Заедно и решително продолжуваме кон остварување на визијата за европска и просперитетна иднина“,
пишува Митрески во објавата на Фејсбук.
Од Кабинетот на Митрески посочуваат дека ова е еден од состаноците што претседателот на Собранието ги организира за одбележување на годишнината од членството во НАТО.
Во контекст на денешната средба во Клубот на пратениците на Фејсбук се огласи и лидерот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски. Ковачевски изрази задоволство што имал можност со дел од поранешните премиери, министерката за одбрана и експратеници, амбасадори и високи државни функционери да разговара за придонесот што секој еден од нив го имал за зачленувањето на земјава во НАТО.
„Со храбрите и решителните одлуки на СДСМ, Северна Македонија е веќе четири години горда членка на најмоќниот воен сојуз – НАТО. Денес, нашата држава е фактор за стабилност во регионот и пошироко. Безбедносната стабилност носи економски просперитет, а странските инвеститори ја препознаваат Северна Македонија како сигурно место за вложувања. Тоа значи подобри работни места за нашите граѓани, повисоки плати и раст на животниот стандард“,
пишува, меѓу другото, во фејсбук-објавата на Ковачевски.