Гаснењето на пожарот сè уште трае, а интервенираат девет пожарникари со четири возила од противпожарната служба во Пула. Од истарската полиција велат дека кога ќе биде изгаснат пожарот полициските службеници ќе спроведат истрага за да се утврдат причините
Повеќе од 20 јахти изгореа во пожар во пристаништето во Медулин на хрватското крајбрежје.
Пожарот, како што пренесуваат хрватските медиуми, избувнал утринава во 3:55 часот. Еден час подоцна се слушнале и неколку експлозии, а пожарот се ширел од една на друга јахта.
Според информациите од противпожарната служба во Пула, од 7 часот пожарот е ставен под контрола, но сè уште не е изгаснат.
Засега нема информации за жртви од пожарот, а се претпоставува дека бројот на изгорени јахти на крајот ќе биде уште поголем.
„Полицијата во 3:55 часот добила дојава за пожар во марината во Медулин. Според информациите од терен, од пожарот биле зафатени околу 20 пловни објекти. Гаснењето сè уште трае. Кога пожарникарите ќе го изгаснат пожарот, полициските службеници ќе спроведат истрага за да се утврдат причините“,
вели Сузана Сокач, портпарол на истарската полиција, пренесува ХРТ.
Во гаснењето на пожарот, како што пренесува порталот „Истра 24“, интервенирале девет пожарникари со четири возила од противпожарната служба во Пула.
„Утрово околу 5 часот ме разбуди експлозија. Прво помислив дека нешто експлодирало во моја близина, но по неколку минути слушнав уште една експлозија, но со помал интензитет. Видов густ црн чад кој се протегаше од влезот на Медулин па сè до Премантура, Помера и понатаму“,
напиша на Фејсбук новинарот Младен Коленко.
Ситуацијата е ставена под контрола, но во морето има парчиња, чамци и друг отпад кои лебдат во Медулинскиот Залив. Локалните и општинските службеници поставуваат брани за да го спречат нивното понатамошно ширење.