Екипите на „Комунална хигиена“ и на Градскиот инспекторат во Скопје изминатиот викенд пронашле медицински отпад – шприцови, кои биле фрлени во контејнер во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, соопштија од Град Скопје.

Во моментов се трага по лабораторијата од која биле несоодветно фрлени шприцовите.
„Инспекциските служби во наредниот период ќе работат на пронаоѓање на лабораторијата која несоодветно го одложила медицинскиот отпад, по што тие ќе бидат санкционирани. Во текот на вчерашниот денот беа контактирани и специјалните служби на ЈП ’Дрисла‘, кои со специјална опрема го презедоа медицинскиот отпад и го транспортираа до депонијата каде што ќе биде соодветно третиран“,
велат од Градот.

Оттаму апелираат до сите компании што работат со медицински отпад да се придржуваат до законските прописи и постапки за одлагање и третирање на овој отпад.

Градските власти апел упатуваат и до граѓаните да ги чуваат животната средина и јавните површини од загадување и да го фрлаат отпадот од домаќинствата во контејнерите за комунален смет, а потсетуваат дека од неодамна е воведена и услуга преку која граѓаните може телефонски (на бесплатниот број 0800 222 33) да побараат подигање и транспорт на кабастиот отпад. Оваа услуга се наплаќа согласно ценовникот на „Комунална хигиена“.
