Проектант и конструктор на едрилицата бил инженерот Мирослав Илиќ, а таа првпат е произведена и тестирана во 1955 година. „Илинденка“ е изработена по принципот на дрвена конструкција со платнена обвивка и метални носечки и управувачки елементи
Во тек се последните подготовки за аеромитингот по повод 100 години Македонска авијација кој ќе се одржи во сабота на спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје, информираат од Аероклубот „Скопје“. На аеромитингот ќе биде изложена првата македонска едрилица „Илинденка“ која веќе пристигнала во Скопје.
Проектант и конструктор на едрилицата бил инженерот Мирослав Илиќ, а таа првпат е произведена и тестирана во 1955 година. „Илинденка“ е изработена по принципот на дрвена конструкција со платнена обвивка и метални носечки и управувачки елементи.
Сега, „Илинденка“ е повторно во Скопје и подготвена да ги воодушеви љубителите на летањето во земјава на аеромитингот во сабота, велат од Аероклубот – Скопје.
Едрилицата станала светски позната по своето учество на Светското едриличарско првенство во Полска во 1958 година, како дел од репрезентацијата на Југославија, а во 1969 година летана од Павле Карушарев, член на аероклубот од Скопје, поставила македонски рекорд во траење од 9 часа и 8 минути.
Освен „Илинденка“ на аеромитингот утре посетителите ќе може да уживаат и во акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот „лирџет 60“, полициските хеликоптери и авионот на воените сили „ми-17“, а во низок лет ќе лета патничкиот авион „ербас А320“ на авиокомпанијата „Визер“.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи МИГ-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе бидат дел од големиот аеромитинг, соопштија од Аероклубот „Скопје“.