Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе имаат можност да видат акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации
Со голем аеромитинг во сабота, на 16 септември, на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје, ќе биде одбележан јубилејот – 100 години Македонска авијација, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот – Скопје во далечната 1923 година. Подготвена е богата програма во која ќе учествуваат над 30 различни воздухоплови од земјава и странство, како и падобранци од нашата земја и од пријатели на клубот од целиот регион, информираат од Аероклубот – Скопје.
Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе имаат можност да видат акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации.
Во програмата е предвидено да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот „Лирџет 60“, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Ми-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион „Ербас А320“ на авиокомпанијата „Визер“.
Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи МИГ-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе бидат дел од големиот аеромитинг, соопштија од Аероклубот – Скопје.
На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство. Во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, „Илинденка“ ќе може да ја видат посетителите на овој настан.
Влезот на аеромитингот е бесплатен, а паркинг-местата се ограничени. За посетителите од Скопје ќе има организиран бесплатен превоз со автобуси кои ќе тргнат во 8.30 часот од пет локации: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата „Борис Трајковски“. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.