Претседателката на државата и врховна командантка на вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, му се заблагодари на досегашниот началник на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски за, како што рече, успешното лидерство во изминатите години, во клучен период, кога македонската држава се соочи со бројни ризици, но и успеси како формалното членство во НАТО
Генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска, на Денот на Армијата, официјално ја презеде должноста началник на Генералштабот, која досега ја извршуваше генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Примопредавањето се случи на централната свеченост по повод Денот на Армијата, на кое свое обраќање имаше претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, која во својство врховен командант на вооружените сили го назначи генерал-мајорот Сашко Лафчински за началник на Генералштабот.
Претседателката му се заблагодари на досегашниот началник на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски за, како што рече, успешното лидерство во изминатите години, во клучен период, кога македонската држава се соочи со бројни ризици, но и успеси како формалното членство во НАТО
„Воедно, му честитам на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски за неговото именување. Пред него и пред вас се големи задачи и предизвици. Тој, Вие, ќе треба да учествува во одржувањето и во унапредувањето на борбената кондиција, да продолжи со реформите, да ја зајакне меѓународната соработка и да вложува во воените и цивилните припадници на Армијата. Нему му ја доверувам задачата да ја сочува вистинската доверба којашто Армијата ја ужива како меѓу македонските граѓани, и кај нашите сојузници и партнери“,
порача претседателката на државата и врховна командантка на вооружените сили во своето обраќање.
Новоименуваниот началник на Генералштабот, 47-годишниот Сашко Лафчиски, беше командант на Првата пешадиска бригада, а голем дел од кариерата помина во специјалните единици на Армијата.
Досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пак, е поставен за советник на новиот началник.