Откриени се манипулации со документацијата за увоз и за складирање на производот, со рокот на употреба и со неговото чување во неодобрени објекти – ладилници за складирање на храна од животинско потекло
Глобата е согласно член 32 став (2) од Законот за безбедност на храна, односно поради немање соодветна процедура за следливост
Денеска на депонијата „Дрисла“ се уништени 4,3 тони путер со изминат рок кој го увезла млекарницата „Евро млекара“ ДООЕЛ Скопје.
Овој прехранбен продукт, кој имал поминат рок, според АХВ, е откриен при двонеделна инспекциска контрола и е дел од 20-те тони што оваа компанија ги увезла.

При контролата се откриени манипулации со документацијата за увоз и за складирање на производот, со рокот на употреба и со неговото чување во неодобрени објекти – ладилници за складирање на храна од животинско потекло.

Директорот на АХВ, Николче Бабовски, денеска на депонијата „Дрисла“, каде што беше уништена запленетата количина, објасни дека една од манипулациите е со излезните фактури каде што се наведувало дека производот е дистрибуиран кај добавувач во Струга иако всушност за наведените количини подоцна од раководните лица од млекарницата било потврдено дека не се дистрибуирани, туку се складирани во магацинот на млекарницата.

Фирмата „Евро млекара“ ДООЕЛ Скопје нема одобрение за солење путер, поради што увозот бил за несолен путер, а како таков тој мора да се продава како свеж и не смее да се замрзнува по складови и ладилници на – 18 Целзиусови степени.
Друга манипулација имало и со потеклото на путерот, за кој во декларациите стоело дека е од Германија, но подоцна е утврдено дека е од Турција.

Трет проблем е што во излезните фактури стоело дека тој е дистрибуира во канти од 25, а не од по 5 килограми.
„Со манипулацијата со излезните фактури е утврдено дека една од седумте излезни фактури е фиктивна, односно количината наведена во него воопшто не е пласирана кај оператор со храна во Струга. Вкупно 168 блока путер од по 25 килограми според директорот за производство биле однесени во објект Тетово, а уште пет блока со путер биле сместени во објект во Гостивар. При деталната контрола на фактурите, констатирано е совпаѓање на килажата со вкупно увезената количнина од 20 000 килограми“,
изјави денеска Бабовски.
Несовпаѓања утврдени се и во датумот на производство и рокот на употреба на производот, односно на кутиите е забележано дека првичните декларации се одлепени и се ставени нови декларации кои не се комплетни, а со кои е продолжен рокот на употреба на путерот до 25.6.2021 година, а на една од кутиите залепен бил лист на кој пишува ,,ПУТЕР СУЛТАШ 23.10.20“.
Целокупната вратена количнина путер била во замрзната форма (замрзнат путер), а бидејќи надлежните од млекарницата не дале информација за тоа каде и како е замрзнат путерот, овие количини се поништени како небезбедни.

Поради сето ова, од страна на официјалниот ветеринар е издадено решение за итно повлекување на блоковите путер и наредено е веднаш да се стопира продажбата на путерот и тој да се врати во млекарницата.
Фирмата е казнета со глоба од 1 500 евра во денарска противвредност согласно член 32 став (2) од Законот за безбедност на храна, односно поради немање соодветна процедура за следливост.