Целта на активистите е земјите од Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД) да посветат поголемо внимание на намалувањето на емисиите на јаглерод и да ги финансираат сиромашните земји за да се прилагодат на ефектите од климатските промени
Стотици активисти од различни еколошки организации се собраа во Корнвол на југозападот на Англија, каде што се одржува Самитот на Групата седум (најразвиените земји), со цел да го привлечат вниманието на светските лидери и медиумите.
Некои демонстранти веслаа, додека други се сончаа на плажа со маски со ликовите на лидерите на Самитот.

Голем број сурфери, кајакари и пливачи се собраа на плажата во Фалмут на масовен „протест со веслање“ организиран од групата „Сурфери против канализациите“, која се залага за заштита на океанот.
На тридневниот самит, лидерите на седумте најразвиени земји во одморалиштето Карбис Бејн разговараат за глобалното закрепнување, фер дистрибуцијата на вакцините против ковид-19 и климатските промени.
Едни од најпознатите се активистите на Оксмаф, кои дошле во британското одморалиште со маски – карикатури на лидерите на земјите од Г7.
Макс Лоусон вели дека целта на активистите е земјите од Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД) да посветат поголемо внимание на намалувањето на емисиите на јаглерод и да ги финансираат сиромашните земји за да се прилагодат на ефектите од климатските промени.