Пожарот настанал утрово околу 4 часот, а бил изгаснат по четири и пол часа
Во моментот се води истрага за причините за пожарот во депонијата „Дрисла“ од страна МВР, за што во континуитет ќе бидеме информирани, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) откако утрово се запали скопската депонија.
Пожарот бил пријавен и во инспекторатот со оглед дека „Дрисла“ има законска обврска да го направи тоа бидејќи има А-интегрирана еколошка дозвола.
„Од страна на одговорно лице за животна средина од правниот субјект согласно обврската од А-интегрираната еколошка дозвола телефонски и по е-пошта утрото на ден 5 септември во ДИЖС е добиено известување дека на ден 5.9.2023 година во раните утрински часови (околу 4 часот) е опожарена депонијата ’Дрисла‘. Веднаш се информирани противпожарната служба и службата на МВР – Скопје. Пожарот беше гасен со сопствена механизација и средства како и со асистенција на неколку возила од противпожарна служба“,
соопштија од ДИЖС.




Пожарот е локализиран и изгаснат околу 8:30 часот.
За палењето на депонијата утрово се огласи и Центарот за управување со кризи (ЦУК) од каде што наведоа дека станувало збор за „мал пожар“.