Доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво, вели претседателот на Собранието во одговорот до Мицкоски
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на задолжителен референдум за укинување на Договорот со Бугарија.
Во одговорот до Мицкоски, Џафери пишува дека иницијативата со која се бара да се распише референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, не е во согласност со Уставот.
Според неговиот одговор, таа е спротивна на членот 118 и членот 8 (став 1, алинеја 11) од Уставот.
„Имено, во членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Поради горенаведеното, доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво“,
вели Џафери во писмото до Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ иницијативата за собирање потписи и отпочнување на референдумот според кој граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија, ја поднесе минатиот петок, но се чекаше одговор од Џафери со оглед дека тој беше на службен пат.
Идејата за референдум партискиот лидер Христијан Мицкоски ја промовираше на почетокот на летото, а на 5 септември на оваа тема заседаваше и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш од партијата го објавија и референдумското прашање кои би им било поставено на граѓаните, а кое гласеше: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр. 12/2018 од 18.01.2018?“.
Во вчерашната изјава за медиумите на оваа тема, Мицкоски рече и дека доколку има некаква пречка за иницијативата за референдум, тогаш се подготвени да ја коригираат и таа го помине собранискиот филтер.
„Политичка гимнастика можат да прават бидејќи се исплашени од мобилизација на народот и консолидирање на антивладино расположение коешто постои. И сега тие може да наоѓаат изговори колку сакаат и до бесвест и на тој начин ја оддолжуваат работата. Нас ни е битна суштината, не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја коригираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се произнесат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија“,
рече вчера Мицкоски.