Снимките од безбедносните камери во казиното „Вегас“, во кое рано изутрината се случи оружен грабеж во кој две лица се убиени, покажале дека напаѓачите биле маскирани, дознава „360 степени“ од извори од истрагата.
Двајца од четворицата разбојници биле вооружени со автоматски пушки, а другите двајца имале пиштоли. По грабежот, избегале во нивите од другата страна на патот Скопје – граничен премин Блаце, каде најверојатно ги чекало возило.
Пред казиното во моментов нема никакви знаци дека пред неколку часа се случил крвав настан.
Вработените на бензинската пумпа лоцирана во близина на казиното велат дека не слушнале пукање. Нема официјална информација колку пари се украдени. Неофицијално, станува збор за сума од околу десет илјади евра.
МВР претходно соопшти дека во 04.47 часот во СВР Скопје било пријавено дека во казино на улица „Јадранска магистрала“ во Скопје влегле четири вооружени лица и почнале да пукаат кон присутните, при што го погодиле В.Х. (22) од Косово, кој починал на местото. Б.Н.(20) од с. Крушопек, скопско, ангажиран како приватно обезбедување во казиното, со кундак бил удрен во главата, по што и тој починал. Според пријавеното, потоа од касата го одзеле дневниот промет и заминале. Увид на местото извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.