Лидерот на ДУИ вели дека правдата може да биде задоцнета, но секогаш доаѓа и оти Тачи и останатите поранешни водачи на ОВК ќе бидат пречекани како победници
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска го посетил семејството на поранешниот претседател на Косово и еден од водачите на ОВК, Хашим Тачи, кому му се суди пред Специјалниот суд во Хаг.
За ова Ахмети се пофали на социјалните мрежи и порача дека Тачи и неговите пријатели го бранат достоинството на ОВК и како победници ќе се вратат во својата земја.
„Денеска го посетив семејниот дом на мојот пријател и поранешен претседател на Косово, Хашим Тачи, за да им дадам поддршка и сила на неговите родители и роднини во битката за правда. Правдата може да биде одложена, но никогаш не е заборавена“,
вели Ахмети во дел од објавата додавајќи дека со гордост ќе ги пречкаат Тачи и останатите кога ќе се вратат како победници на правдата.
Покрај на Тачи, во Хаг им се суди и на други поранешни водачи на ОВК: Кадрије Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.
На почетокот на април годинава пред Специјалниот суд почна судскиот процес, а тие се изјаснија за невини.
Обвинети се за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во 42 незаконски притворања на поранешната ОВК во Косово и Албанија на најмалку 407 притвореници, од кои најмалку 98 се убиени.
Обвинети се за повеќе дела, како неправедно лишување од слобода, мачење и убивање луѓе, а за овие злосторства им се заканува доживотен затвор.
Во обвинението се наведува дека делата за кои се товарат се извршени во периодот од март 1998 година до септември 1999 година, на повеќе места во Косово, како и во Кукс и Чахан, во Северна Албанија.