Верувам дека сите политичари во Северна Македонија ќе сфатат дека мора да дадат заеднички придонес кон тоа земјата да се движи напред, рече на денешната прес-конференција во Владата претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, коментирајќи го противењето на опозицијата да поддржи уставни измени без никаква гаранција од Европската Унија. На новинарско прашање, дали од Владата слушнала како ќе пристапи кон уставни измени со оглед на расположението на опозицијата во Собранието и како ќе одговори на ултиматумот од македонската опозиција, Фон дер Лајен одговори:
„На билатералната средба зборувавме за оваа важна тема, за уставните измени. Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, минавте низ многу, бевте навистина успешни во напредувањето и сигурна сум дека тука во земјата ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одговорни за учествување и за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Зборувам за младите луѓе коишто имаат сон. Ги повикувам сите политичари да го остварат овој сон на младите луѓе“,
рече Фон дер Лајен.