Во објавата на Твитер пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес, Фон дер Лајен објави заедничка фотографија со лидерите на земјите на Западен Балкан и останатите учесници на Самитот и напиша дека и е мило оти ги гледа партнерите од земјите на Балканот во Берлин, една недела по нејзината посета на регионот
Тука сме за да ја продлабочиме нашата економска интеграција, започнувајќи од енергијата, напиша денеска на Твитер шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес за Западен Балкан на кој учествува и таа.
Во објавата на Твитер, Фон дер Лајен објави заедничка фотографија со лидерите на земјите на Западен Балкан и останатите учесници на Самитот и напиша дека ѝ е мило оти ги гледа партнерите од земјите на Балканот во Берлин, една недела по нејзината посета на регионот.

„Добро е што ги видов сите партнери од Западен Балкан во Берлин, една недела по мојата посета на регионот. Тука сме за да ја продлабочиме нашата економска интеграција, почнувајќи со енергијата. Нашиот пакет за енергетска поддршка од една милијарда евра за Западен Балкан ќе ни помогне да ја обликуваме нашата заедничка енергетска иднина“,
пишува Фон дер Лајен на Твитер.
Good to see all Western Balkans partners in Berlin, one week after my visit to the region.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) November 3, 2022
We are here to deepen our economic integration.
Starting with energy.
Our €1 billion Energy Support Package for the Western Balkans will help us shape our common energy future. pic.twitter.com/e4v3KcJLBo
Денеска во Берлин се одржува Самит на Берлинскиот процес на кој учествуваат лидерите на шесте земји од Западен Балкан, како и високи претставници на влади од земјите на Европската Унија и Обединетото Кралство. На Самитот учествува и премиерот Димитар Ковачевски кој ја предводи владината делегација во состав од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На почетокот на Самитот, чиј домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц, тој истакна дека сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и дека заедничка работа на Европската Унија и регионот е да ја претворат ветената европска иднина во реалност. Германскиот канцелар рече дека денешната средба е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан.
Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон ЕУ.
Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа конференцијата за Западен Балкан.
Целта на процесот е да се забрза соработката со шесте земји од Западен Балкан и интеграцијата на регионот во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка, која би била основа на одржливиот развој на регионот.