Според првичните проекции на бројот на освоени мандати, ЕПП предничи со 184, пред Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 139 европратеници

Кандидатот на Европската народна партија и актуелна претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е уверена дека ќе добие нов мандат и потребното мнозинство во новоизбраниот Европски парламент.
„Да, уверена сум за новиот мандат, но секако има уште многу работа пред мене“,
изјави Фон дер Лајен.
Во изјавата по објавувањето на првичните резултати за Европскиот парламент, таа изрази задоволство од успехот на Европската народна партија (ЕПП), која и натаму останува со најмногу претставници и, како што рече Фон дер Лајен, „сидро на стабилноста“.
„Овие избори ни испратија две пораки, првата е дека сè уште има центристичко мнозинство за силна Европа и тоа е клучно за стабилноста. Но, точно е и дека екстремистите од лево и од десно добија поголема поддршка на европските изборите, но партиите на центарот го задржаа мнозинството и затоа овој резултат бара уште поголема одговорност на партиите од центарот“,
рече Фон дер Лајен.
Таа најави дека од денеска ќе започне разговори со Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) за продолжување на изградбата на „конструктивниот и докажан однос“. Таа рече дека секој кој е проевропски, кој ги поддржува Украина и владеењето на правото е добредојден.
„Можеби се разликуваме по поединечни точки, но сите имаме интерес за стабилност и сите сакаме силна и ефективна Европа“,
додаде таа.
Таа посочи дека светот е во превирања, дека силите внатре и надвор од ЕУ се обидуваат да ја дестабилизираат и ослабат Европа.
„Светот околу нас е во немир. Силите однадвор и одвнатре се обидуваат да ги дестабилизираат нашите општества и се обидуваат да ја ослабат Европа. Никогаш нема да дозволиме тоа да се случи. Овие изборни резултати покажуваат дека мнозинството Европејци сакаат силна Европа“,
рече таа.
Првичните резултати од евроизборите објавени на веб-страницата на Европскиот парламент врз основа на излезните анкети во дел од земјите од ЕУ покажуваат дека десничарската Европска народна партија (ЕПП) освои најмногу гласови на изборите за европратеници и ќе остане најмногубројна политичка групација во Европскиот парламент. Според првичните проекции на бројот на освоени мандати, ЕПП предничи со 184, пред Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 139 европратеници.

Трети по број на освоени мандати, според досегашните резултати, се либералите – 80 мандати, пред десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 73 и екстремно десничарска групација Идентитет и демократија (ИД) со 58 места. Блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) освои меѓу 52 европратеници, а Левицата 36 места.