На Форумот за демократија во Атина таа рече дека демократиите се работа во тек, вклучително и внатрешноста на ЕУ, изградена врз ветувањето за единство во различноста и додаде дека сепак ова ветување не е целосно постигнато

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во нејзиниот говор на Атинскиот форум за демократија ја спореди Украина со Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан велејќи дека постигнуваат напредок затоа што на народите во овие држави Европа им е во срцата.
„Поголемиот дел од напредокот на Украина во ЕУ реформите е постигнат затоа што народот ја има Европа во своите срца и своите умови. Истото важи и за нашите пријатели во Албанија, во Северна Македонија и низ Западен Балкан. Важи и за Молдавија и Грузија, кои исто така побараа да се приклучат на нашата Унија. Ветерот на промени дува низ нашиот континент“,
порача Фон дер Лајен, јави дописничката на МИА од Атина.
Во говорот таа очекувано се осврна на војната истакнувајќи дека со рускиот напад врз Украина се води „војна на автократијата против демократијата“, но и изрази длабоко убедување дека „демократијата ќе надвладее“.
Фон дер Лајен порача и дека сите демократии се „работа во тек, вклучително и внатрешноста на ЕУ, изградена врз ветувањето за единство во различноста“ и додаде дека сепак ова ветување не е целосно постигнато.
Дел од говорот таа посвети на четирите приоритети на кои е потребно фокусирање: новите закани, повеќекратните кризи, обидите за нови граници и идните генерации.
За новите закани рече дека „воените бродови и војниците повеќе не се единственото оружје во рацете на странските автократи“, туку и дезинформациите, како и сајбер нападите, што исто така се дел од нивната војна против демократијата.
Во однос на повеќекратните кризи, потсети на пандемијата, на здравствената криза и успешната набавка на вакцини, а за третиот приоритет – обидите за нови граници повторно се осврна на реакцијата на Унијата „со брзина на светлината на рускиот напад против Украина, со најголемиот пакет санкции во историјата“ и порача дека демократиите можат да постигнат резултат ако се дејствува обединето.
„Нападот на Путин против Украина е обид да се смени текот на историјата и да се запре долгиот пат на демократијата“,
истакна претседателката на ЕК објаснувајќи го третиот приоритет и додаде дека не се работи само за војната на Русија против Украина, туку и на низа други демократии во светот.
За четвртиот приоритет посочи дека „никогаш не треба да заборавиме дека нашите демократии им припаѓаат на идните генерации“.