Претседателката на Европската комисија додаде дека „САД имаат обврска“ и рече дека „ЕУ е подготвена за секакво сценарио“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја отфрли заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за европските автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се држи до условите од трговскиот договор со Брисел.
Зборувајќи за прв пат по објавата на Трамп во петокот дека ќе воведе царини од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ, Фон дер Лајен изјави дека „договор си е договор“.
„Имаме договор, а суштината на овој договор е просперитет, заеднички правила и сигурност“,
рече таа за време на прес-конференцијата на самитот ЕУ-Ерменија во Ереван.
Таа додаде дека ЕУ е во „завршните фази на спроведување на преостанатите царински обврски“ и дека САД имаат обврска.
Таа, исто така, нагласи дека блокот е „подготвен за секое сценарио“.
За време на истата прес-конференција, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека лидерите на ЕУ „целосно ја поддржуваат“ реакцијата на Комисијата на најновата трговска закана на Трамп.
Најновите закани од Трамп за зголемување на царините за автомобили и камиони од Европската Унија на 25 отсто дојдоа во петокот. Тој тврдеше дека европскиот блок не го испочитувал во целост трговскиот договор постигнат со САД.
Според условите на договорот постигнат во јули лани, американските царини за европски автомобили беа поставени на 15 проценти. Во замена, Брисел се согласи да ги намали индустриските тарифи, да купи 750 милијарди долари американска енергија и да инвестира 600 милијарди долари во американската економија.
По заканата на Трамп, Бернд Ланге, претседателот на трговскиот комитет на Европскиот парламент во петокот одговори дека таквото однесување е неприфатливо.
Тој во објава на Икс напиша дека додека ЕУ ги исполнува своите обврски, американската страна продолжува да го крши договореното.
